Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконит риболов“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против две лица од Пештани на возраст од 60 и 36 години.

– Пријавените, казненото дело го сториле на 28-ми ноември минатата година околу 17 часот, кога со пловен објект-кајче управувано од едното лице влегле во водите на Охридското Езеро. Тоа го направиле откако претходно во кајчето ставиле комплетен риболовен алат и две рибарски мрежи, со кои е забранет риболовот согласно одредбите од Законот за рибарство и аквакултура. Двајцата пријавени, рибарските мрежи ги фрлиле во водите на Охридското езеро на подрачјето над Пештани, по што уловиле двеста триесет и седум парчиња риба „белвица“ со вкупна тежина од 19 килограми и 615 грама. Полициските службеници ги затекнаа сега пријавените во момент по излегување од езерските води и изнесување на рибарскиот прибор и мрежите  заедно со уловените риби, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

За настанот бил известен дежурен Јавен обвинител, а по наредба на судија на претходна постапка при Основен суд Охрид, извршен е претрес на пловниот објект и одземени се мрежите и другиот риболовен алат заедно со уловената риба во свежа состојба.

OhridNews