Екипата од ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ Охрид составена од учениците Мухамед Асан од трета година од образовниот профил техничар за индустриска мехатроника и Петар Цаноски од трета година од образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика под менторство на професорите Владо Јанкулоски и Љупчо Балески бележи значаен резултат на меѓународниот натпревар „Балкан Јуниор 2022“ во Романија освојувајќи првото место.

Професорот Љупчо Балески истакна дека ова е нивно шесто учество на „Балкан Јуниор“ и после две освоени трети места стигнале и до највисоката награда.

Самата идеја за учество на овој натпревар беше да се споредиме како стоиме со останатите технички училишта во регионот и можеме да кажеме дека ние сме меѓу врвот на средните стручни училишта. Секое учество на овој натпревар се бележи напредок од година во година. Самата порака и суштина на натпреварот е да се градат мостови на пријателство меѓу земјите учеснички. Презадоволен сум од постигнатиот успех, залагањето на учениците, покажаното знаење, нивниот интерес и желбата да напредуваат, вели Балески.

Ученикот Петар Цаноски вели дека на самиот натпревар имале теоретски дел од 60 прашања од областа на електромоторни погони, автоматика, сигитални системи, техничка механика, програмирање, механички елементи и хидраулика и пневматика.

Но и практичен дел каде што се натпреварувавме со сумо робот односно сумо борач кој е поставен на ринг и има свој противник од другите држави учесници. Роботот има два фото сензори и еден ултра звучен сензор, мотори кои ги движат тркалата, процесор. Бевме успешни во теоретскиот дел каде бевме први, во практичниот дел имавме освоено 70 поени и исто бевме добри и го освоивме првото место, додава Цаноски.

Мухамед Асан вели дека ова е голем успех како за нив, така и за училиштето.

Околу еден месец интензивна работа ни требаше за да го склопиме роботот, го склопивме тука, а беше презентиран таму. Со оваа награда го достигнавме најголемиот успех откога е создадено училиштето. Овој пехар што го добивме да биде инспирација и за другите генерации. Да се надеваме дека ќе добијат награди уште поголема од нашава.

Менторот Владо Јанкулоски вели дека шести пат учествува и не е воопшто едноставно да се биде учесник на вакви натпревари.

Целта е исполнета. Роботот беше изработен по претходно дадени препораки, што значеше дека мора да има 500 грама максимална тежина, 10X10. Не бевме ограничени во однос на тактиките и колку сензори ќе користиме, тоа беше обврска ние сами да се ангажираме. Имавме краток период и за самите проби. Со усовршување може да биде еден добар проект за државата и воопшто за самиот центар. Ќе остане како голем трофеј, изработен практичен труд. Проектот има тежина и во однос на мотивација на другите ученици од нашето училиште да бидат дел од натпреварот. Во нашиот центар се исполнети сите услови, имаме голем капацитет и потенцијал, а секој ваков или сличен проект носи позитива за самиот центар, за нашиот град и најмногу за самите ученици потенцира Јанкулоски.

Осма година со ред се одржува овој натпревар, а годинава ни припадна таа честа да го освоиме првото место рече директорот на училиштето Сашо Недески.

Посебно е задоволството што наградата е по струката мехатроника која ја основавме пред четири години во дуалното образование и во оваа струка го постигнавме врвниот резултат помеѓу екипите од Романија, Србија, Словенија и Турција, рече Недески

Директор најави дека училиштето е добитник на грант од страна на Фондот за иновации по освоената прва награда за изработка на пловило на соларна енергија, кое е веќе готово, во фаза на тестирање, и се очекува наредните десет дена да има пробно возење.

Инаку, натпреварот „Балкан Јуниот 2022“ се одржа од 26. до 29. мај 2022 година во Констанца, Република Романија каде зедоа учество 10 ученици од 5 средни технички училишта од Македонија, Србија, Словенија, Турција и Романија. Домаќин на овој натпревар беше средното техничко училиште „Николае Димитриеску“ од Констанца.

Н.С.Ј.