Со свечена програма, подготвена од страна на учениците и професорите, ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ од Охрид, го одбележа својот патронен празник.
Во рамки на свеченоста, на која присуствуваа претставници на бизнис секторот, директори на средни и основни училишта од Охрид, како и многу родители и пријатели на Центарот,беа доделени признанија на професори за нивната успешна работа во цетарот како и благодарници до бизнис партнерите на училиштето и награди за најуспешните вработени во ова училиште.
Пред присутните се обрати директорот Сашо Недески.
– Со нашите лични примери ние треба да ве научиме драги ученици,како да бидате чесни и скромни пред се, да ја цените правдата и вистината над се, да ги сакате и почитувате другите и различните. Ако при тоа, макар и малку разберете дека знаењето кое го добивате овде е најголемото богатство кое може да се понесе со себе…, е тогаш сме постигнале навистина многу… Нашата визија е да стекнеме креативна и безбедна средина во која со користење на современата образовна технологија ќе обучуваме кадри од областа на техниката конкурентни на пазарот на трудот во регионот и пошироко. Ученикот е центар на сите наши заложби и ангажирања. Нашите приоритети во сите степени и форми на образование се: квалитетни образовни услуги, култура на однесување и надминување на стереотипите. Нашата основна дејност е да создадеме сестрани и успешни личности кои ќе најдат место во општеството, рече Недески.
Соодветна благодарница беше доделена и на Младинската организација за нивната досегашна работа во врска со промовирањето на училиштето, а беа доделени и награди за најдобрите ученици.
OhridNews















