Во врска со вчерашното опожарување на глисерот во водите на Охридското езеро, денес, со официјално со соопштение  излезе СВР- Охрид. Меѓу другото во него се наведува дека пловниот објект-глисер марка „Максум„, целосно изгорел во пожарот кој се случил околу 14 часот и 30 минути, на 200 метри од авто-кампот „Елешец„.

На пожарот му претходела силна експлозија во делот каде се наоѓал глисерскиот мотор марка „Меркјури„ по што јак оган и густ црн чад го зафатиле коритото на пловилото.

Во моментот на експлозијата, глисерот, во кој имало вкупно шест патници, полека пловел од хотелот „Гранит„ кон авто кампот „Елешец„. Истите се здобиле со лесни телесни повреди и помали изгореници  по телото. Едно лице кое било во глисерот, е префрлено во болницата „Св.Еразмо„ а потоа пуштено на домашно лекување.

Веднаш по експлозијата, сопственикот на глисерот се обидел да го изгасне и локализира пожарот употребувајќи две против-пожарни боци. Одкако не успеал целосно во намерата, патниците на глисерот се префрлиле во два други пловни објекти кои, со цел да помогнат, во мегувреме пристигнале во близина на опожареното пловило. На лице место, со глисер-амбуланта, веднаш пристигнале екипи на Црвениот крст од Охрид, полициски службеници од Езерската Полиција како и од Охридската Капетанија.

Запаленото пловило, носено од езерските води, се запрело во трските на околу 15 метри од авто-кампот.

СВР Охрид, презема дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот.   

OhridNews