Претседателот на Општинската изборна комисја, Димитрија Вревезоски, денес ги соопшти официјалните резултати од локалните избори. На локалните избори, одржани на 15 октомври, за градоначалник на општина Охрид избран е Јован Стојаноски од СДСМ.

Мандат за членови на советот на општина Охрид добија: Константин Георгиески, Живка Ангелоска, Мишел Силјаноски, Сашо Ставрески, Елеонора Куноска, Бесим Демиров, Џенгиз Реџеп, Марија Попоска, Филип Јовановски, Рената Арнаудова, Ристо Булоски, од листата на СДСМ и коалицијата. Од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, во советот ќе влезат: Кирил Пецаков, Гордана Коњановска, Снежана Стефаноска, Илија Арнаудоски, Гоце Георгиески, Лидија Петкоска, Александар Попоски, Славица Петровска, Џанер Исмаил, Дејан Шикоски. Два советника во новото градско собрание ќе има и од коалицијата на ДУИ, БЕСА и Алијансата на албанците: Нефи Усеини и Џемал Мена.

– За општина Охрид немаше доставено ниту еден приговор во врска со изборниот процес, во спротивно постапката околу соопштување на конечни резултати би била неколку дена подоцна, информира претседателот на ОИК, Вревезоски.

Примопредавањето на мандатот за градоначалник ќе се изврши утре со почеток во 9 часот, информираат од локалната самоуправа.

Во однос на советот на општината, согласно законот за локална самоуправа, во рок од 20 дена, досегашниот претседател на советот треба да свика конститутивна седница. Ако тоа не се случи, во рок од десет дена седницата ја свикува најстариот советник.

Доколку воопшто не се свика одржување на конститутивна седница тогаш се пристапува кон нов избор на членови на совет.

OhridNews