Со православните обичаи за бериќетна работа и официјално започна реализацијата на Сахара проектот за земјоделство во Македонија. Сахара Групацијата во следните три години на овој простор ќе изгради регионален млечен центар инвестирајќи околу 211 милиони евра. За овој проект планирано е вработување на над 2000 лица од Македонија, и изградба на фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20 илјади грла говеда.

На ова земјиште ќе се изгради најголемата фарма и млекарница во овој регион. За месец дена ќе започнат првите градежни работа, а првото млеко се надеваме дека ќе биде дел од нашите трпези до крајот на следната година. Ние во оваа млекарница и фарма ќе вложиме не само финансиски средства туку и знаење и технологија што за првпат ќе биде презентирана во Македонија. Млечната индустрија има можности за развој единствено ако се инвестира и вложува“, изјави А.П.Синха од Сахара Пјур компанијата.

Во следниот период ќе започнат работите за обезбедување на инфраструктура за извршување на земјоделските активности, ќе се набават машини и следната година ќе започне и изградбата на модерната млекарница која ќе биде енергетско ефикасна. Во оваа модерна фарма ќе има современ систем на молзење и напредна технологија за надгледување на сточниот фонд. Во тимот на Сахара Пјур се експерти од Индија, Европа, САД и Саудиска Арабија кои работат со години на вакви фарми и имаат големо искуство.

OhridNews