Охрид како град годинава не може да се пофали со кошарка, но поединечните успеси на охридски кошаркари  во останатите екипи ширум нашата земја можат да бидат мелем за раната. Една таква успешна приказна доаѓа од Петар Бошалески. 15-годишниот кошаркар во дресот на Работнички немилосрдно ги „кине“ мрежичките во натпреварите од М16 конкуренцијата

Петар кој е син на поранешниот спортски директор во Кошаркарскиот клуб АВ Охрид, Марјан Бошалески во просек во есенската полусезона постигнувал по 34 поени, а додавал уште 14 скока за најдобар учинок во лигата, можеби и во македонската кошарка.

Огромниот потенцијал на Петар излегол на виделина на турнирот „Балканска Ѕвезда“ кој се одржа во Романија. 15-годишниот кошаркар со 16 поени во просек беше прв стрелец во македонската репрезентација, а трет на турнирот.

Првите чекори во кошарката Петар ги направил во школата Глобал, потоа се преселил во Колибри, а отскочна даска беше тренирањето во КК АВ Охрид. Квалитетот на Бошалески го препозна и екипата на Партизан каде помина низ тренинг камп.

OhridNews