Единаесет века по заминувањето од овој свет делата на големиот светител и учител Климент Охридски се уште силно одекнуваат насекаде кадешто тој творел, создавал и описменувал. Почитта кон Св. Климен особено е голема во Охрид кој тој го избрал за својата света и благородна мисија. Под негова закрила, Охрид прераснал во духовен и образовен центар.

Учителот Климент, ученик на светите Кирил и Методиј, својот живот целосно го посветил на ширењето на писменоста меѓу словенските народи. Во Охрид, тој основал училишта и манастири, каде што се изучувала словенската азбука, христијанските текстови и духовната традиција. Тука ја основал и прочуената школа низ која поминале околу 3.500 ученици. Со тоа оставил траен белег во историјата – не само на Црквата, туку и на целиот словенски свет.

Со својот труд, Св. Климент Охридски станал вистински просветител. Неговата мисија не била само образовна, туку и длабоко духовна – насочена кон опстојувањето на народот, неговата вера и култура. Тој пред се е светител, темел на Македонската православна црква, познат во народот и како Чудотворец за кој се верувало дека преку него Бог делува и принесува чудесни дела меѓу луѓето.

Не случајно тој во Охрид тој го изградил храмот на Св. Пантелејмон на Плаошник место на исцеление од кое зрачи силна духовна сила. Во житието за него се спомнуваат бројни исцелителни дела како тоа кога патувајќи со дел од своите ученици, го воскреснале мртвото дете во домот каде престојувале. Охриѓани низ времето ги прераскажуваат и чудесните избавувања на градот од колерата што беснеела пред сто години, кога по литијата со неговите мошти болеста исчезнала, па сè до спасението на градот за време на Втората светска војна.

Токму на Плаошник во возобновениот Свети Климентов храм Св. Пантелејмон се ноѓаат чудотворните мошти на големиот светител. Тие секоја година на празникот на заштитникот на градот се изложуваат пред верниците кои веруваат дека духот на Свети Климент и ден денес бдее над Охрид и неговите жители.

По повод празникот посветен на Св. Климент Охридски Чудотворец, во храмот на Плаошник синоќа и утрово се одржаа богослужби на кои чиноначалствуваче неговото преосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски г. Георгиј.

Свети Климент ги ограмоти и просвети сите словенски народи, но и по 11 века останува за овој народ, пред сè, семакедонски и охридски заштитник и закрилник пред Господа. Токму тука, на Плаошник, минувал непроспиени ноќи во молитва за своето паство, а денес овој ист народ Му принесува благодарност што ни го дарувал Свети Климент како духовен родител и патеводител, вели Владиката Георгиј.

Со особена почит својот заштитник – патронот на градот го чествува и Општина Охрид која на овој ден ги доделува највисоките признанија и награди на личности и институции кои го афирмираат градот дома и низ светот.

Г.М.