Охридскиот новинар, публицист и автор на фотографија Стојан Савески е дел од меѓународната колективна изложба на тема „Ритуали“ што вечерва ќе биде отворена во Рим во изложбениот простор Millepiani во центарот на Вечниот град. На изложбата, што е дел од годишните програмски активности на платформата за современа уметност LoosenArt, ќе бидат претставени шеесеттина автори од светот со свои авторски видувања на спомената тема.
Во време кога се соочуваме со силни оспорувања на нашиот македонски идентитет, свовиден предизвик е темата „Ритуали“. Од богата архива ја издвоив фотографијата на вековната традиција на славскиот леб – просфора и на светата вода, што длабоко се вкоренила кај македонскот народ, најчесто, при одбележувањето на домашните слави, или пак при прославувањето на позначајните верски празници, нагласува авторот Савески.
Благословувањето на славскиот леб (просфора), посочува, е исконски поврзано со нашата Македонска православна црква.
Се верува дека со јадењето на нафората, човечкото суштество се соединува со Исус Христос. Светата вода, пак, се користи за чистење на душите и телата на верниците во сите најважни, најсреќни и најтешки моменти од животот, кога се бара здравје, исцелување, помош…, вели авторот.
Авторите на изложбата во Рим ќе бидат претставени во три циклуси, при што фотографијата на Стојан Савески ќе биде поместена во вториот дел од 15 до 23 јули. Организиторот LoosenArt делата ќе ги понуди на продажба, а како што е вообичаено за изложбата е изготвен плакат, и каталог што ќе биде дистрибуиран до релевантни институции во Италија.
OhridNews