Охриѓани денеска се информираа за правата за користење бесплатна правна помош, каде да се обратат и кои се условите за добивање на истата.

Граѓаните најчесто бараат совети за имотно-правни спорови, правна помош во врска со работните односи и правата од социјална заштита, односно за оние работи со кои најчесто во секојдневниот живот се соочуваат, вели Ирена Цуцулоска Јакимовска, раководител на проектот за бесплатна правна помош во канцеларијата на Советот на Европа во Скопје.

Целта е да се зајакне свеста за бесплатната правна помош кај граѓаните во Охрид. Граѓаните денес може да се информираат за тоа што претставува бесплатната правна помош, каде да се обратат, за што може да се обратат и како може да ја користат оваа услуга. Може да добијат и печатени материјали напишани на лесно разбирлив јазик, каде што може да добијат повеќе информации за видовите на бесплатна правна помош, како и контакти од давателите каде може да се обратат. На лице место имаме и правни консултанти на Советот на Европа кои може дирекно да ги консултираат односно да постават некое прашање доколку имаат некој проблем, потенцира Цуцулоска Јакимовска.

Планирани се, вели, оваа година околу 23 општини да бидат покриени со цел да се информираат граѓаните за Законот за бесплатна правна помош затоа што според истражувањата кои ги имаат правено, граѓаните сеуште незнаат дека постои ова право и не знаат како да ги користат овие услуги.

Овие промоции помагаат за зголемување на свеста кај граѓаните за користење на бесплатна правна помош, затоа што на ваков начин и граѓаните кои немаат пристап до социјални медиуми, до интернет, туку баш преку еден традиционален начин да може да се информираат за бесплатната правна помош. Самите бројки на граѓани кои побарале бесплатна правна помош се подигнати во однос на минатата година, што говори и за влијанието на промоциите во однос на ова прашање. Но, и покрај тоа сепак бројот е сеуште низок и потребно е сеуште да се работи, додава Цуцулоска Јакимовска.

Денешниот настан слично како и настаните кои се одвиваа во изминатиов период во повеќе градови низ државата се поддржани од проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош“, кој е дел од заедничката програма на Европска Унија и Совет на Европа „Хоризонтален Инструмент III за Западен Балкан и Турција“, а имплементиран од канцеларијата на Советот на Европа во Скопје во соработка со Министерството за правда и подрачните одделенија, конкретно во Охрид, подрачното оддеделние на Министерството за правда, каде граѓаните може да се обратат за бесплатна правна помош.

Н.С.Ј.