Охриѓанецот Иван Крижиќ неодамна во Словенија ја објави својата прва научна монографија „Готи: стабилизирачки фактор или фактор за пропаѓањето на Римската Империја“. Книгата напишана на словенечки јазик, се занимава со правните и дипломатски аспекти на римско-готските односи и интегративните политики на Римската империја.

Ова дело нуди темелно и убедливо истражување за улогата на Готите во колапсот на Западното Римско Царство, вешто комбинирајќи ги историските истражување со продорна анализа, вели проф. д-р Војислав Саракински, редовен професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Авторот успева да создаде наратив кој оди подалеку од само хронолошки список на историски настани, како што навлегува во историографски дебати кои го обликуваат нашето разбирање за вклученоста на Готите во падот на Рим. Со внимателно разгледување на двата примарни извори како на пр. Ammianus Marcellinus и Zosimus, како и споредната литература, ова дело има важен придонес во областа на доцноантичките студии, потенцира Саракински.

Делото на Иван Крижиќ претставува сериозен научен обид за создавање конкретни тези за правните документи, вели проф. д-р Грегор Побежин, научен советник и директор на словенечниот Институт за културна историја.

Во изработката на монографијата авторот има исцрпен литературен преглед и беспрекорен методолошки пристап, затоа претставува исклучителен придонес за тема која авторот веќе длабински ја истражува за време на неговите докторски студии, посочува Побежин.

Книгата е достапна преку издавачот „Kulturni center Maribor“ и внесена во COBISS системот во Словенија.

Иван Крижиќ основното и средно образование ги завршува во Охрид, додека додипломските студии по историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Поради специфичноста на научната проблематика со која сака да се занимава – римско-готските односи, римското право и интеграцијата на барварските народи во доцноантичкиот Рим – своето постдипломско и докторско образование го продолжува во Словенија. Денес е докторант по историја на Универзитетот на Приморска во Копер и истражувач при Институтот за културна историја на Словенечката академија на науки и уметности во Љубљана.

Н.С.Ј.