Охриѓани, љубители на трчањето, рекреативци, како и членови на АК „Охрид трчаТ“ и оваа година ќе ги претставуваат Охрид и Македонија на Белградскиот маратон на иницијатива на почесниот конзул на Република Србија во Охрид Михајло Филев.

Учеството на Белградскиот маратон нуди огромна можност за промоција, стекнување нови искуства, вмрежување и развој на спортскиот туризам, беше потенцирано на денешната прес конференција.

Со ова на културно и спортско ниво ќе се сплотат нашите два блиски народи и двете држави, што ќе придонесе за уште една посилна и подобра кохезија на сите спортски манифестации и на сите полиња. Спортот не поврзува, а со тоа се развиваат и повеќе гранки за соработката меѓу нив  и туризмот, бидејќи ние граѓаните од Србија ги очекуваме и на нашиот маратон во Охрид, вели почесниот конзул на Република Србија во Охрид Михајло Филев.

Директорот на „Охрид ТрчаТ“, Иван Цветкоски посочи дека Белградскиот маратон ќе се одржи од 16 до 19 април, а трките ќе се одржат во сабота и недела. Во четврток, петок и сабота ќе биде експото кое се одржува на градскиот саем во Белград каде ќе се промовираат и Охрид и „Охрид трчаТ“ на свој штанд.

Оваа година посебно се потрудивме околу промоцијата на Охрид и Македонија и во тој дел се заблагодаруваме на почесниот конзул Михајло Филев бидејќи годинава отидовме едно скалило погоре, закупивме поголем штад и ќе имаме многу поголеми можности да разговараме со нашите потенцијални тркачи кои ги очекуваме во Охрид. Оваа година подготвуваме многу изненадувања. Традиционално ние имаме многу тркачи од Србија и тоа е целта. Има повеќе трки, главната е маратонска. Белград ќе е домаќин на Европското првенство за полумаратон и маратон во 2027 година и оваа година за време на двата дена, сабота и недела, кога ќе се одржуваат трките ќе биде како генерална проба за наредната година. Постојат трки на 5K, 10K, постојат и штафетни полумаратони и маратони кои се дел од овие трки. Тоа што е посебно интересно е дека ќе има многу панел дискусии, промоции каде се надеваме дека ќе зафатиме еден убав дел од се тоа што ќе го видат гостите или тркачите на самиот маратон, додаде Цветкоски.

Јоне Станкоски од „Охрид ТрчаТ“ потенцираше дека промоцијата на Белградкиот маратон позитивно влијае на бројот на учесници на  „Охрид трчаТ“ не само од Србија, туку од целиот регион, бидејќи истиот е еден од најголемите спортски настани во југоисточна Европа со најголем број на учесници.

Нашето присуство на Белградскиот саем на експото е многу важно затоа што се прави огромна промоција на Охрид и Македонија и на тој начин привлекуваме голем број тркачи од Србија, но и од целиот регион на нашиот маратон во Охрид. И имаме тренд на зголемување секоја година на бројот на учесници кои се надвор од Македонија. Ако минатата година имавме околу 300 учесници од Србија, оваа година очекуваме тој број да се зголеми  и на тој начин дирекно влијаеме на бројот на ноќевања кои се случуваат во текот на „Охрид трчаТ“ и дирекно на поддршка на локалната економија, истакна Станкоски.

Додаде дека од Охрид учествуваат пред се луѓе рекреативци и секој натреварувач си има поставено некоја цел за подобрување на сопствениот резулатат. На ниво на Македонија, Станкоски, го посочи, Дарио Ивановски, нашиот најдобар маратонец, кој минатата година беше победник на полумаратонската трка и постигна државен рекорд.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска