За време на Европското првенство во снукер во Гандија, Шпанија, под раководство на главниот ЕБСА тренер ПЏ Нолан и неговиот нов асистент ЕБСА тренер Александер Сабјак од Хрватска, двајца наши национални тренери по снукер, заедно со уште 9 кандидати од Европа успешно го завршија курсот за меѓународни тренери по снукер.

Сашко и Филип Каланоски од Гран клуб Охрид се нови EBSA/WPBSA класа 1 снукер тренери. Со тоа листата на сертифицирани ЕБСА тренери од Македонија се зголеми на петмина и ја сочинуваат: Павле Данилов, Петар Колоски, Лазар Лазаревски, Сашко Каланоски и Филип Каланоски, информира Снукер федерацијата на Македонија.

Филип Каланоски – трет од лево и Сашко Каланоски – последен десно, станаа EBSA/WPBSA класа 1 снукер тренери. Фото: Охридњуз

Снукер федерацијата изразува искрена благодарност до Општина Охрид што за поддршката на овој проект, со кој се овозможува нашиот туристички бисер да добие два нови лиценцирани ментори за снукер, кои со своите стекнати знаења и програма на ЕБСА ќе можат да тренираат и креираат идни снукер играчи, стои во соопштението.

Снукерот и билијардот се се` пополурани во светот, во Македонија исто така. Во земјава има четириесеттина играчи кои сериозно се занимаваат со снукер, дел од нив се јуниори. Од неодамна снукерот е достапен и за охриѓани благодарение на иницијативата на ГРАН КЛУБ СНУКЕР – Охрид кој постави професионална маса са снукер во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.  Минатиот септември во соработка со Снукер федерацијата на Македонија таму се одржа и презентација на овој елегантен и предизвикувачки спорт, на која учествуваа најдобрите снукер играчи од Македонија.

Г.М.