Радиологијата е уметност да се „прочита“ телото преку сенки и структури и токму во тоа ја гледам убавината на мојата професија, а мојата визија е да ги применам најновите методи кај нас, со цел пациентите да добијат што поквалитетна здравствена услуга, вели 27-годишната охриѓанка Неда Маленков која е лиценциран доктор и во моментов на специјализација по радиологија на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје. Образовниот процес, посочува, и бил исполнет со континуирано учење, стекнување знаења и практични искуства, а вистинскиот напредок според неа доаѓа кога човекот е подготвен да излезе од својата зона на комфор.

Во разговор за Охридњуз, Д-р Маленков потенцира дека својата иднина ја гледа во Македонија и сака да биде дел од генерацијата која ќе донесе нов квалитет во македонското здравство.

ON: Од каде љубовта за изучување на медицината, како течеше образовниот процес, зошто одбра токму радиологија?

Д-р Маленков: Љубовта кон медицината ја носам од најрана возраст. Потекнувам од лекарско семејство, што претставува вистинска семејна традиција – и дедо ми и татко ми беа доктори, па можам да кажам дека љубовта кон медицината и желбата да им помагам на луѓето отсекогаш биле дел од мене. Уште како дете бев полна со емпатија и љубопитност за тоа како функционира човечкото тело. Образовниот процес беше интензивен и исполнет со континуирано учење, стекнување знаења и практични искуства што ме обликуваа како млад лекар. Радиологијата ја одбрав затоа што во неа препознав совршен спој на технологија, знаење и клиничка анализа. Тоа е област што бара логика, аналитичко размислување и прецизност – а токму тоа ме инспирира секојдневно.

ON: Во моментов си на специјализација по радиологија на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје. Што ги одбележа изминативе години на образование? Што е тоа што можеш да го издвоиш како некое поголемо достигнување, успех?

Д-р Маленков: Почетокот на специјализацијата ми донесе нови знаења и искуства, кои ме надградуваат и професионално и лично. Секоја нова снимка, секој нов случај е нова лекција. Учеството на конгреси, семинари и меѓународни програми ми овозможи да учам од врвни експерти и да го надградам своето знаење. Еден од најважните моменти во мојата професионална патека беше размената во Истанбул, каде што стекнав вредно искуство и мотивација за понатамошно усовршување. Тоа искуство ми покажа дека вистинскиот напредок доаѓа кога си подготвен да излезеш од својата зона на комфор.

ON: Што по завршување на специјализацијата, во која насока планираш да се насочиш?

Д-р Маленков: По завршувањето на специјализацијата сакам да продолжам да работам во Македонија и да придонесам кон развојот на современа и ефикасна радиолошка дијагностика. Особено ме фасцинира интервентната радиологија – динамично и прецизно поле што обединува технологија и медицина во служба на пациентот, гранка која се разви од класичната дијагностичка радиологија и премина кон активно лекување и интервенции. Мојата визија е да ги применам најновите методи кај нас, со цел пациентите да добијат што поквалитетна здравствена услуга.

ON: Со оглед дека си специјализант по радиологија, можеш ли да ни посочиш колкава е важноста од снимањето за поставување на дијагноза, кога истото треба да се применува, колку е можеби штетно ако се прави почесто?

Д-р Маленков: Снимањето е еден од најважните чекори во поставувањето точна дијагноза. Радиологијата овозможува лекарот да „види“ што се случува внатре во телото без хируршка интервенција, што е од огромна важност. Секако, со секое снимање треба да се постапува внимателно – секогаш со јасна медицинска индикација. Современите апарати користат минимални дози на зрачење, но сепак е важно да се избегнува непотребна изложеност. Затоа улогата на радиологот е клучна – да процени кога е навистина потребно снимањето и која метода е најсоодветна.

ON: Неможеме воопшто да дискутираме за важноста од точно прочитаните снимки која сигурно е непроценлива. Сигурно тоа бара голема посветеност од докторите, бидејќи и одговорноста е голема. Колку е тешко или лесно да се прочита една снимка и да се одреди точната дијагноза?

Д-р Маленков: Точноста во читањето на снимките е суштината на радиологијата. Зад секоја снимка стои човечки живот, па чувството на одговорност е големо. Не е секогаш лесно – потребни се концентрација, искуство и постојано учење. Секоја слика бара внимателна анализа, споредба со клиничките податоци и со искуството од претходни случаи. Тоа е предизвик, но и уметност – уметност да се „прочита“ телото преку сенки и структури. И токму во тоа ја гледам убавината на мојата професија.

ON: Дали мислиш дека во државава ќе можеш да се реализираш како радиолог или сметаш дека можностите се многу поголеми надвор?

Д-р Маленков: Верувам дека и во Македонија има потенцијал за професионална реализација, особено ако младите лекари добијат вистинска поддршка и услови за работа. Секако, надворешните искуства се корисни и потребни, но мојата желба е да придонесам токму овде, во земјата каде што започна мојот пат. Сакам да бидам дел од генерацијата која ќе донесе нов квалитет во македонското здравство.

Телемедицината, на пример, ја гледам како огромна можност за иднината на радиологијата во нашата земја. Благодарение на дигиталните технологии, денес е можно снимките да се анализираат и интерпретираат од далечина, што овозможува побрза и поквалитетна дијагностика – дури и помалку развиени региони. Таа поврзаност меѓу лекарите од различни градови и земји не само што го подобрува пристапот до здравствена грижа, туку и овозможува постојана размена на знаење и искуства. Верувам дека токму преку вакви современи решенија, македонското здравство може да направи значаен чекор напред.

ON: Со оглед дека си на специјализација во Скопје, колку често си доаѓаш во Охрид и колкава е поддршката која ја добиваш од семејството во поглед на градење на твојата професионална кариера?

Д-р Маленков: Во Охрид доаѓам колку што дозволуваат обврските, но секој пат кога ќе се вратам таму чувствувам мир и се полнам со енергија. Семејната поддршка е нешто што никогаш не ми недостасувало – моите најблиски се мојата најголема мотивација и сила. Тие веруваат во мене и ме охрабруваат да продолжам, дури и кога е најтешко. Без нивната љубов и разбирање, овој пат би бил многу потежок.

На крај, можам да кажам дека токму поддршката од семејството, љубовта кон родниот град и страста кон медицината ми даваат сила да продолжам напред, да се усовршувам и да ги остварам своите професионални цели, без разлика на предизвиците што ги носи патот.

Н.С.Ј.