Наградата „Драги“, воспоставена во чест на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист кој остави траен белег во македонската култура со препевите на целокупното дело на Шекспир, потоа на Милтон, Елиот, Блејк и др. се доделува на македонски преведувачи кои на македонски јазик приопштиле значајни дела од светската литература. Меѓу петте финалисти за годинашниот лауреат е и охриѓанката Даниела Спироска, професор по англиски јазик во ОСУ „Св. Климент Охридски“ Охрид за препевот на поезијата на Дилан Томас во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје.

За наградата „Драги“ беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од 9 издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Во петте финалисти влегоа преведувачи од три издавачки куќи: Од „Струшки вечери на поезијата“ , Струга, тројца, и по еден од „ПНВ Публикации“ од Скопје и „Полица“ од Скопје.

Даниела Спироска е книжевна преведувачка, уредничка и професорка по англиски јазик од Охрид. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а професионално е посветена на книжевниот превод, наставата по англиски јазик и афирмацијата на книжевноста. Како преведувачка од англиски јазик, има објавено повеќе преводи на современа и класична книжевност. Меѓу нејзините преводи се Понеделник или вторник од Вирџинија Вулф, Вештерката Лоис од Елизабет Гаскел, Писарот Бартлби од Херман Мелвил, Жолтата тапета од Шарлот Перкинс Гилман, Ќерката на времето од Џозефин Теј и др. објавени од „ПНВ Публикации“.

Особено значаен е нејзиниот преведувачки ангажман во пренесувањето на македонската поезија на англиски јазик. Во 2024 година го направила изборот и препевот на сто песни од Славе Ѓорѓо Димоски, објавени во двојазичната книга Избрани песни / Selected Poem, кој наиде на одличен прием во другите јазични средини во светот. Други преводи од македонски на англиски јазик се од Јулијана Величковска, пред сѐ нејзината книга наградена со највисоката македонска национална награда „Браќа Миладиновци“ на СВП „Рајсфершлус / Reißverschluss“, Весна Ацевска, Викторија Ангрловска, но и капиталното дело „Монографија на Јордан Манасиевски“ во 2021 година.