Голема непријатност доживеал возрасен охриѓанец, кој вчера околу 18 часот на булеварот „Туристичка“, во близина на млечниот ресторан на „Жито леб“, бил нападнат од улично куче.

Како што ни изјави жртвата, тој слободно се движел по тротоарот од булеварот, кога одненадеж, од зад грб бил нападнат од улично куче. И покрај првичниот шок, благодарение на присебноста, тој успеал да се одбрани. Нападот за среќа завршил со неколку помали гребаници.

Се се случи брзо. На тротоарот по кој се движев имаше две улични кучиња. Со ништо не ги предизвикав, оттаму и не очекував да бидам нападнат. Кога ги одминав едно од нив ми скокна од позади и ме нападна, но некако успеав да се одбранам, по што кучињата се повлекоа на зелениот остров на булеварот. – раскажува нашиот сограѓанин за доживеаната непријатност.

Нападнатиот охриѓанец побарал лекарска помош во итната медицинска помош, од каде се упатил на инфективното одделение при општата болница, каде бил соодветно вакциниран.

Тој апелира до надлежните институции сериозно да се зафатат за решавање на проблемот со уличните кучиња, посочувајќи дека лесно можело на негово место да биле дете или немоќно лице.

И покрај најавите, долго очекуваниот стационар за згрижување бездомни животни во Охрид, никако да проработи. Неодмна од ЈП „Охридски Комуналец“, во чиј склоп треба да функционира и Шинтерска служба изјавија дека  сите нивни обврски околу работењето на стационарот се завршени. Единствено се чека на доделување на локацијата на која се наоѓа стационарот, во сопственост на јавното претпријатие, по што ќе може да биде издадено и потребното одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство за вршење на дејност.

Потенцираат дека во меѓувреме се завршени сите други активности, неопходни за функционирање на стационарот. Склучен е договор за вршење ветеринарни услуги, како и договор за набавка на храна за кучињата, вработен е шинтер, набавени се возила. Изградени се пет кафези со површина од десет метри квадратни и десет метални кафези од пет метри квадратни површина. Во надворешниот дел од стационарот уредено е место за рашетување на кучињата, според законот за благосостојба на животните.

OhridNews