Охриѓанецот Дејан Ангелоски продолжи со нижење на златни одличја од планинарските трки, откако триумфираше на „Водно-Матка Треил“, кој се одржа изминатиов викенд.

Ангелоски дебитанското учество на делницата од 42 километри го круниса со триумф и првото место на подиумот. Прв низ целта помина за време од 5 часа, 27 минути и 6 секунди. Второпласиран заврши Антониот Каранфилоски (5.46.31) а трет финишираше Александар Војнески Еленин (6.03.28).

Физички бев подготвен за трка од 42 километри, но психички беше многу тешко. Два-три пати во текот на трката застанував да видам каде сум и со помош од „ГПС“ се враќав во правилната насока. Се трчаше точно на полноќ, со светлечка ламба на главата и низ густа магла, што дополнително ја отежнуваше нашата задача. Искрено, повеќе ми лежат трки до 30 километри, но реков дека мора да издржам до крај бидејќи искуството до вакви трки е непроценливо. – изјави Ангелоски.

За охриѓанецот ова е втор триумф во краток временски период. Ангелоски неодамна прв помина низ целта на  20-километарската трка на „Титов Врв скајрејс“.

Во женска конкуренција на 42-километарската трка победи Сања Најдовски, а подиумот го комплетираа Ивана Јовановска и Ивана Пекевска.

OhridNews