Дрската измама во која жртви се повозрасни граѓани го активира алармот меѓу охриѓани. Тие на социјалните мрежи изразуваат загриженост за безбедноста и меѓусебно се предупредуваат на опасноста од измами и кражби во домовите.

Охриѓанката Сантина Целеска јавно сподели искуство со измамниоци кои се обиделе да и продадат приказна за да остварат финансиска корист.

Внимавајте народе на апашите. На фиксен телефон, од скриен број, ми се јави женски глас со имитацијà на плачење: „Мамо направив сообракајка” – за во истиот момент машки глас да го продолжи разговорот дека се јавува од полициска станица, дека има тешка сообраќајка и  дека виновна е мојата ќерка. Реков дека немам ќерка, а тој ми вели твојот син. Му реков дека немам син, а тој нервозно ми вели сестра ти, брат ти… Му реков дека немам никого. Ме прашува од кај сум јас, а јас го прашав дали тој знае каде се јавува? Тогаш ми спушти слушалка. После тоа си ги проверив моите најблиски и се јавив во полиција. За жал полицијата бара помош од нас граѓаните, наместо да си истражи по службена должност и да го сопре вознемирувањето на граѓаните. Полицијата бара ние да го откриеме бројот од кој се јави “полицаецот”. Наша стварност. – пишува Целеска на својот Фејсбук профил.

Под нејзиниот статус уште едно предупредување на жител на Охрид, кој вели дека се забалежани непознати лица кои под изговор дека продаваат нешто, всушност ги проверуваат становите, кој живее таму, дали луѓето можеби се на одмор, по што на сцена стапуваат крадците.

Во лето вообичаено зголемена е опасноста од кражби во Охрид кој освен за туристи е магнет и за измамниците. Полицијата алармира на внимателност и пријавување на се што е сомнително за да не се повторат измамите од пред некој ден кога повозрасна охриѓанка била излажана од непознати лица дека ќерката и направила сообраќајка и дала околу 3000 евра за ја „спаси“. На сличен начин друга охриѓанка останала без 300 евра.

Луѓето често на социјалните мрежи споделуваат искуства од одмори додека се уште се таму. Тоа ги привлекува крадците кои будно ги следат потенцијалните мети и подготвуваат кражби.

Г.М.