Охриѓани денес се информираа за можностите кои ги дава Законот за бесплатна правна помош, односно можностите за добивање на бесплатни правни совети и бесплатна правна помош, примарна и секундарна.

Маја Атанасова и Елена Георгиевска, правни консултанти велат дека имало голем интерес кај граѓаните насочен особено кон правната помош поврзана со имотно правни прашања и спорови, како и за социјалната заштита.

Најголем дел од прашањата се однесуваа на должината на судските постапки, особено од областа на имотните спорови, имотните прашања, а поврзани со оставината, со начинот на делба на имот и секако прашањата поврзани со социјална заштита. Граѓаните се заинтересирани да ја добијат информацијата, но доста пати наидовме и на луѓе кои не беа запознаени дека можат да добијат правна помош, па на овој начин се обидуваме да ги информираме повеќе. Се надеваме дека барем го започнавме процесот на информирање и дека ќе бидат заинтересирани понатаму да добијат уште повеќе информации, вели Атанасова.

Додава дека широка е палетата на предмети и спорови за кои може да се добие бесплатна правна помош.

Бесплатните правни совети кои можат да ги добијат од Општината се однесуваат на сите прашања кои ги засегаат, но бесплатна правна помош, која ја нарекуваме секундарна правна помош значи поддршка на граѓаните во судските процеси и се однесува на поддршка преку адвокат во граѓански спорови и постапки, како и во управни постапки и во управните спорови, потенцира Атанасова.

Атанасова и Георгиевска велат дека информативните активности, организирани во 12 општини во Северна Македонија, од 13 јули до 20 август, се очекува да ги зајакнат знаењата за бесплатната правна помош меѓу жителите на локалните заедници, но, исто така и меѓу правните професионалци, на тој начин подржувајќи поширок пристап и искористување на овие правни услуги, со особен фокус на ранливите групи, како што се жените и децата.

Кампањата за БПП, којашто во Северна Македонија се спроведува од 2021 година, има за цел да ги промовира овие услуги како еден достапен и функционален механизам којшто нуди ефикасна правна заштита на граѓаните и најважно од се, осигурува еднаков пристап до правната помош за оние коишто инаку не би можеле да си ја дозволат, потенцираат.

Овој настан се организира во рамки на заедничкиот проект на Европската унија и на Советот на Европа „Поддршка за подобар пристап до поквалитетни услуги за бесплатна правна помош во Северна Македонија”, во тесна соработка со Министерството за правда на Северна Македонија и останатите членови на Националното координативно тело за бесплатна правна помош: подрачните одделенија на Министерството за правда, граѓански организации и правни клиники овластени да да даваат бесплатна правна помош (БПП).

Проектот е дел од заедничката програмата ‚‚Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II 2019-2022ʻʻ, иницијатива за соработка со која им се помага на земјите-кориснички во Западен Балкан и Турција да се усогласат со европските стандарди.

Ваква можност за информирање утре ќе добијат и граѓаните на Струга, а настанот е предвиден на градскиот пазар од 9 до 12 часот.

Н.С.Ј.