Општина Охрид, во рамки на проектот “RECIRCLE MED”, кој го имплементира во рамки на Европската програма INTERREG EURO MED, организира работилница за локална мобилизација и Форум за Западен Балкан на 3 и 4 декември 2025 година.
Охрид е реномирана туристичка дестинација со значително искуство и силна посветеност на одржливиот развој, особено во заштитата на животната средина и управувањето со туризмот. Како една од дестинациите што ќе развива и спроведува прилагодени сини акциони планови за циркуларен туризам (circular tourism), Општина Охрид ја повикува локалната и пошироката заедница на акција, велат од Општината.
Посочуваат дека со оглед на специфичните потреби, искуството и празнините во областа, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со проектот и планот што е развиен за креирање прилагодени сини акциони планови, да истражат практики за сина и циркуларна економија, преку презентација на најдобри практики од истакнати говорници, како и да учествуваат во интерактивни активности за ко-креирање и групни дискусии, а воедно поттикнуваат заедничко учење и размена на идеи.
Преку практично учество, учесниците ќе развијат практични сознанија и стратегии за поддршка на спроведувањето на проектните активности. Работилниците имаат за цел да го олеснат локалното прилагодување и усвојување на Планот за унапредување на синиот и циркуларниот туризам во областа, да идентификуваат приоритети, да дизајнираат патеки за имплементација и да поддржат усвојување на политиките. Тие претставуваат одлична можност за учење, споделување искуства и колективно обликување решенија во динамична и партиципативна средина, велат од Општина Охрид.
Упатуваат повик до сите кои се заинтересирани и се дел од територијалниот туристички екосистем, да се регистрираат на линкот за да бидат дел од работилницата.
OhridNews













