Охрид 2004 е есенски првак во Втората Македонска фудбалска лига. “Рибарите“ насловот го потврдија со победата во градскотото дерби против Охрид Лоте со 3-2. За избраниците на Зоран Ѓорески ова беше четврта победа во низа, и со девет победи , две ремија и два порази со 29 бода сосема залужено ќе презимат на лидерската позиција во шампионатот.


Младите охридски фудбалери предводени од ветеранот Нически изборија мошне тешка но значајна победа во градското дерби, против мотивираниот тим на Охрид Лоте. “Гостите“ во предност дојдоа во седмата минута кога охридската десетка во празно го проигра Велески, кој изби сам пред Цветковски и со прецизен удар по земја го погоди небранетиот лев долен агол. Раниот погодок ја распламете борбата на теренот, а интернационалецот Крстевски со навремените одлуки , не дозволи мечот да добие друга димензија.


Отрезнати од раното водство , “домаќините“ нападнаа кон голот на Карамачоси, ударите на Толески и Волчески не ја пронајдоа целта, а тоа што не им појде од рака на напаѓачите го направи “везистот“ Речкоски. По двојната комбинација на Толески и Волчески овај вториот нафрли на подалечната статива каде Речкоски  со полуволеј го совлада Карамачоски изедначувајќи на 1-1.


Повторно тежиштето на играта се префрли на половината на “градежниците“, но Д Клечкароски, и И.Клечкароски пропуштија прилки да се вратат во предност, последниот удар во првиот дел го имаше Нически но неговиот удар од слободен заврши во гредата.


Мирно без возбудувања започна вториот дел, првите возбудувања уследија по ударот на Ѓорески покрај голот. По еден час игра, грешка на потесната одбрана на “сино-белите“, Нически ја украде топката го проигра Ѓорески кој ја избегна офсајд замката но беше соборен во казнетиот простор од голманот Цветковски , а за главниот судија немаше дилеми тоа беше најсторога казна.

Прецизен од белата точка беше капитенот Клечкароски кој со шестиот погодок во првенството ги доведе рибарите во предност, тој е најпрецизниот играч кај ’рибарите“. За белите ова беше втор пенал во шампионатот и тоа втор успешно реализиран.

“Домаќините не успеаа да се соземат од шокот,а неколкму минут повторно кикс кој се чини го одлучи мечот.Во соло продор тргна бранителот Перески, се ослободи од двајца фудбалери, но се заглави меѓу М. Стојаноски и Г. Стојаноски, наместо мирно да ја проследи топката Трајковски не го забележа истрчаниот Цветкоски и наместо подавање топката заврши во неговата мрежа.


Голот како да им ги “пресече“ нозете на “градежниците“ кои се најдоа пред нов пораз. Касно стигна голот кој ги врати во игра. Во 88 минута во казнетиот простор најдобро се снајде Мурџоски кој од свтрување биеше и ја врати неизвесноста во мечот.

Крстевски им даде дополнителни четири минути, а уште еднаш Мурџоски биеше, овај пат со глава но топката заврши во рацете на Карамачоски. По последниот свиреж на главниот судија, започна славјето.

По цели 17 години Охрид повторно се најде на врвот на второлигашката табела и како есенски првак ќе ја започне пролетната трка за влез во Првата Лига.

М.Постоловски