Победничката серија на охридскиот ракометен клуб продолжи во Супер лигата, откако „гладијаторите“ во дерби средбата го совладаа Бутел Скопје со 24-22 (13-13). За охриѓани ова беше петти последователен триумф со кој се доближија уште еден чекор поблиску до пласман во плејофот.

Воведниот дел од дербито им припадна на охридските ракометари. Со фуриозен почеток после 4 минути игра обезбедија водство 3-0. Бутел Скопје постигна два погодоци, но Охрид возврати за ново водство 4-2. Гостите од Скопје се консолидираа и со серија од 2-0 дојдоа до егал 6-6.

Во продолжението од мечот водството се менуваше а во главно го имаше Бутел Скопје. Гостинскиот состав водеше и со два разлика а охриѓани со погодокот на Лексo Цицешвили осигураа егал на полувремето 13-13.

Стартот на второто полувреме започна „гол за гол“ и така се играше до 42 минута кога на семафорот стоеше 17-17. „Гладијаторите“ максимално ја искористија серијата исклучувања во тимот на Бутел Скопје и со три погодоци се одлепија на 20-17.

И покрај негативата, Бутел Скопје не се предаде и продолжи да се бори и  притиска. Охрид на голот го имаше расположениот Јагош Брауновиќ, кој бранеше се и сешто. Во финишот, Охрид со смирена игра во напад го задржа водството и забележа голема и значајна победа во дербито.

На листата на стрелци кај охриѓани се истакна Денис Тот кој постигна 8 голови. Четири реализираше Филип Кривокапиќ, а три пати мрежата ја погоди Бобан Блажески. Во тимот на Бутел Скопје, Кристијан Милошевски и Мирко Мајиќ постигнаа по пет голови.

Триумфот против Бутел Скопје исто така е маестрална најава за „Езерското“ дерби кое ќе се одигра в сабота на теренот од стружани.

Мх.П.