Значен триумф во трката за суперлигата забележаа охридските ракометари кои со 22-21 го совладаа Радовиш и го отпишаа од суперлигашката трка.


Мечот во сиот свој тек беше тврд со доста прекини, а охридските “гладијатори“ имаа повеќе сила и нерви да го приведат до крај.


Се до половина на првиот дел се играше изедначено, а тогаш серијата на “белите“ од 4-0 им ја овозможи првата “опиплива“ предност од 11-7. Играта гол за гол до крајот на првиот дел значеше “комотни“ три плус за охриѓани 13-10.


“Војната“ продолжи и во вториот дел. Домаќините кои одиграа одлично во одбраната, играа безидејно во нападот и цели десет минути не успеаа да ја затресат противничката мрежа.


Мразот го скрши Трифуноски со својот петти гол на мечот. Гостите во овој период на игра успеаа да ја анулираат предноста и во 49 минута од мечот со голот на Василев резултатот беше изедначен 17-17.


Рокадата на охридскиот гол, Китески за Пецаков, го даде посакуваниот ефект, со неколку интервенции во низа Китески, им овозможи на Андоновски , Томовски и Николовски да дадат голови и да се одлепат на 20-17.


Направија гостите една форца, усепаа да стигнат на минус еден 22-21, но не и да ја расипат охридската забава на трибините.

Трифунски постигна седум гола, Николовски шест, Томовски и Андоновски по четири, а Митрески погоди само еднаш. На охридскиот гол голманите Пецаков (10) и Китески (4) искомбинираа 14 одбрани.


Кај гостите најпрецизни беа Донев и Конзулов со шест постигнати гола.

Во наредната рунда охриѓани в сабота гостуваат во Струга.

М.П.