Охрид, Скопје и Валандово се трите апсолутни гравиметриски точки кои се дел од современата гравиметриска мрежа која за прв пат се воспоставува во Македонија, а ќе служи како основа за спроведување на сите видови гравиметриски премерувања.

Податоците добиени при мерењата, самите или во комбинација со други податоци, можат да се користат при истражување на рудни богатства, истражување на природен гас и нафта, за истражување на распоредот и густината на земјините маси, за откривање на подземни шуплини, пештери, за лоцирање на подземни води, за следење на промените на земјините маси при потреси и проектирање и изведба на патна и железничка инфраструктура, поголеми тунели, мостови, брани, објаснуваат од Агенцијата за катастар на недвижности.

Основната гравиметриска мрежа во Македонија ќе ја сочинуваат и 25 релативни гравиметриски точки распространети на целата територија на државата на растојание од 30 до 40 километри.

Од Агенцијата најавуваат дека во 2014 година следува детален гравиметриски премер на целата територија на Република Македонија.