Наместо да расправаат за предлог одлуката за донесување на годишната програма за поставување урбана опрема, на денес одржаната седница, советниците, по предлог на градоначалникот Никола Бакрачески,  расправаа за предлог одлуката за прием во сопственост на двокатен автобус- подарок од владата.

Иако владиниот чин беше поздравен и како што беше кажано од страна на опозицијата – ќе биде атракција во корист на граѓаните и туристиите, оттаму со барање за објаснување за правната основа на предлогот, односно зошто советот треба расправа за двокатниот автобус кој градот го добива како поклон.  


–     Наша дилема е зошто советот носи одлука за поклон од владата кога самата владина одлука гласи –  давање поклон и кога предавањето на автобусот ќе биде регулирано со договор меѓу градоначалникот  и министерот  за транспорт и врски.Воедно не интересира и како ќе се стопанисува со автобусот. При тоа потенцираме дека самиот чин е позитивен и сме пријатно изненадени, рече координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.

Како што кажа во своето објаснување секретарот на општината Димитар Спасески, законските прописи ја наметнуваат потребата советот да донесе одлука за прифаќање на поклонот, по што се задолжуваат градоначалникот  и министерот за транспорт и врски  да го потпишат договорот за примопредавање на двокатниот автобус.

По долга расправа од речиси два часа, со 14 гласа за и 6 воздржани, предлог одлуката за прием на подарокот беше донесена.

Двокатниот автобус ќе се користи за панорамско разгледување на градот, но како што појасна градоначалникот Бакрачески, сеуште не утврдена релацијата по која ќе се движи.


–    Панорамски автобус на Охрид  му недостига  веќе долг период. Знаеме дека таков автобус имаат повеќето туристички  центри и ние не смееме да дозволиме да заостануваме зад она што значи тренд на модерните туристички  дестинации. Во иднина извесно е дека ќе бидат набавени уште два вакви автобуси, изјави градоначалникот Бакрачески.

Новиот панорамски автобус , произведен 2012 година, е со 60 места за седење и 20 места за стоење.  Автобусот е и со електрична погонувана рампа за инвалиди што претставува и доследна примена на законските обврски со кои се обезбедува пристапност за лицата со инвалидитет до сите објекти.

Инаку, по предлог на градоначалникот Бакрачески од дневен ред на седницата беше повлечена предлог одлуката за донесување на  Годишната програма за поставување на урбана опрема.

Како што објасна градоначалникот, причина за ваквиот потег е што во текот на претходните неколку дена пристигнале бројни сугестии и мислења од грѓани во врска со планското уредување на Општината.

–    Поради специфичоста на самиот град Охрид, како туристички центар, заедно со стручните служби на локалната самоуправа ќе ги разгледаме  предлозите, а подоцна некои од нив ќе бидат инкорпорирани во самата Програма за поставување урбана опрема во Општина Охрид –  рече Бакрачески.

Потенцира дека основна цел при изработување на програмата за поставување на урбаната опрема, е да се задоволат и барањата на граѓаните заинтересирани за поставување урбана опрема, но и тоа  да е во склад и како што му доликува на еден туристички центар каков што е Охрид.

Т.Кувенџиска