Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на мадите -12 ти август и Неделата на млади, вчера претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски присуствуваше на конференцијата „Општините пријател на младите – Младинското учество во фокус“ што се одржа во Скопје.

Иднината на една општина, на една држава е во младите генерации. Младите се движечката сила и иднината на татковината, тие се носители на идеи, иновации, позитивни промени и се значаен ресурс за напредок и развој. Младинските политики играат важна улога во развојот и напредокот на локалната заедница. Младите се клучот за силен напредок и светла иднина на Македонија, рече Божиновски осврнувајќи се на младинските политики што ги води Општина Охрид.

Особено сме горди на отворањето на Младинскиот Центар, формирањето на Локален совет на млади и Локално младинско собрание, а изготвена е и Локална Стратегија за млади 2021- 2026 година. Отворањето на Младинскиот центар во Охрид, беше сложен процес на кој бевме особено посветени предводени од градоначалникот Кирил Пецаков, Советот на општината и Одделението за млади и невладини организации. Горди сме што успеавме да ги реализираме сите предвидени активности, додаде Божиновски.
Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Националниот младински совет на Македонија во партнерство со Фондацијата за развој на локалната задница Штип, Платформата за зајакнување на младите од Гостивар и Здружението за одржлив развој СФЕРА Интернешнал од Битола.
OhridNews











