Денеска во Охрид започна третото издание на Меѓународниот турнир во огнено оружје „Гранд При Лихнидос“ кој се организира со поддршка на Општина Охрид. Настанот се одржува по трет пат и годинава собра учесници од повеќе држави, кои се натпреваруваат во неколку дисциплини со огнено оружје.

‎На свеченото отворање, свое обраќање имаше градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој ја истакна важноста на ваквите меѓународни настани за промоција на Охрид како спортски и туристички центар.

Меѓународниот турнир во стрелање со огнено оружје е симбол на нашата посветеност кон развојот, промоцијата и унапредувањето на стрелачкиот спорт во Охрид. Нашиот град има богата традиција и се гордее со истакнати стрелци кои постигнале забележителни резултати, како на национално, така и на меѓународно ниво. Особено не радува фактот што се појавуваат нови, млади генерации на стрелци, кои се талентирани и амбициозни и од кои очекуваме големи спортски успеси и нови рекорди, рече Пецаков.

Упати благодарност до организаторите на турнирот, кои посочи, со својата посветеност и оваа година овозможија високо ниво на организација.

Се надевам дека денешниот турнир ќе помине во духот на фер натпреварување, взаемно почитување и пријателство. Како домаќини, искрено сме горди што можеме да бидеме дел од оваа спортска традиција и што имаме можност да го споделиме прекрасниот Охрид и нашето културно, историско и природно богатство со сите вас. Нека овој турнир биде уште еден чекор кон зајакнување на спортскиот дух и меѓусебната соработка. Им посакувам голем успех на сите натпреварувачи, а на гостите пријатен престој во Охрид, истакна Пецаков.

Организатор на меѓународниот турнир е охридскиот стрелачки клуб „Лихнидос“, а натпреварите се одржувааТ во стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид.

OhridNews