Охрид домаќин на јубилејните 30. Републички спортски игри за пензионери, кои и годинава ги обединуваат спортот, дружењето и позитивната енергија. Спортските игри се во организација на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

На денешното свечено отворање присуствуваа градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова.

Градоначалникот Пецаков посочи дека јубилејните 30-ти спортски игри се многу повеќе од спортско натпреварување. Тие се можност за дружење, размена на искуства, создавање нови пријателства и заедничко уживање во активниот живот, потенцираше.

Вашата енергија, виталност и желба за спорт се за вистинска почит. Со своето учество покажувате дека годините не се ограничување, туку дека секоја животна возраст носи можност за нови активности, предизвици и убави средби. Упатувам благодарност до организаторите и до сите кои овозможија Републичките спортски игри оваа година да се одржат во Охрид. Се надевам дека покрај спортските натпревари, ќе имате можност да уживате и во убавините на нашиот град и во гостопримството на охриѓани. Ви посакувам успешни настапи, добро расположение и многу убави моменти поминати заедно, истакна Пецаков во своето обраќање.

Сиљановска Давкова на учесниците им посака фер-плеј, витешка борба и успех, како и уште многу вакви натпревари во иднина.

Пензионирањето не е крај на активниот живот, туку нов животен циклус во кој мудроста, знаењето и искуството доаѓаат до особен израз. Спортот не е само физичка, туку и ментална вежба којашто го подобрува здравјето, го поттикнува дружењето и не учи да продолжиме да им се радуваме на успесите, но и полесно да се справуваме со неуспесите. Пензионерите треба да бидат вклучени во креирањето на политиките, а особено во носењето на законите и одлуките што се однесуваат на нив, рече Сиљановска Давкова.

На настанот кој се одржува во спортскиот центар „Билјанини Извори“ пензионерите се натпреваруваат во 10 дисциплини, а учествуваат 312 пензионери од 41 здружение од Македонија.

OhridNews