Охрид е домаќин на 8. Меѓународен хорски фестивал кој се одржува од 20-ти до 25-ти во организација на ТSM – TURKISH MUSIC CHOIRS FESTIVAL од Анкара, Турција.

Во рамки на фестивалската програма, утре на 23-ти мај 2025 година со почеток во 19:30 часот ќе се одржи голем хорски концерт на сцената на Античкиот театар. Концертот е бесплатен и е дел од програмата за чествување на Денот на Сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. На концертот ќе настапат седум хорски ансамбли од Турција и охридскиот градски хор Vox Lichnidos, информираат од Општина Охрид.

Фестивалот на турски музички хорови за прв пат се одржал во Самсун, Турција во 2016 година. Домаќини на овој хорски фестивал до сега биле Анталија, Мардин, Хатај и Кападокија во Турција, областа Батум од Грузија и туристичкиот центар Шарм Ел Шеик во Египет.

Во пресрет на концертот во Охрид, претставниците на хорските ансамбли денеска беа во посета на Општина Охрид и остварија средба со Ана Крстеска, заменик градоначалник. На средбата се разговараше за културниот и туристички развој на Охрид. Беше потенцирана континуираната културна соработка со Република Турција, со надеж дека истата ќе продолжи и во иднина, додаваат од Општината.

OhridNews