Петтиот Македонски нуркачки конгрес, најавен со меѓународно присуство, ќе се одржи на 12 и 13 декември во Охрид. Првиот ден е предвиден за презентации и дискусии, а вториот за зимско нуркање во Охридското Езеро кај автокампот „Љубаништа“.

Конгресот ќе почне во сабота, на 12 декември, во 12 часот во големата сала на Општина Охрид. Меѓу најавените теми се светскиот рекорд на Бартоломеј во Матка, сервисирањето на нуркачката опрема и боците, подводната и хипербаричната медицина и контролата на нуркањата и нуркачките екскурзии во Македонија. Предвидена е и презентација на нова опрема.

На собирот ќе се разговара и за соработката меѓу клубовите, можноста за здружување во федерација или сојуз и организирањето заеднички нуркања во земјава и во странство. Секој нуркач може да пријави своја презентација.

Како посебни гости со свои презентации се поканети нуркачките тимови на МВР и Армијата. Покана е упатена и до претставници на еколошки здруженија, Капетанијата, спортски федерации и сојузи.

Во недела, на 13 декември, од 11 часот кај автокампот „Љубаништа“ се предвидени зимско нуркање и свечен ручек. На оваа локација организаторот, Клубот за подводни дејности „Охрид“, има нуркачко-еколошка станица.

OhridNews