Регионална наставничка конференција „Креативно учителско творештво“ по осми пат се одржува во Охрид. На настанот учествуваат просветни работници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
На свеченото отворање пред присутните се обрати претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски кој посочи дека станува збор за исклучително важен настан во кој централна тема е наставникот, тимската работа и релацијата наставник – дете.
Секој оној кој се занимава со просветна дејност или има каков и да е придонес во образовниот процес е мисионер на најблагородната професија во животот – поучувањето и учењето. Велам најблагородна професиja затоа што за да описменуваш и да градиш личности со знаења, умеења, вештини, потребна е најпрвин голема љубов, а потоа волја и трпение. Само образобван човек може да ги менува работите на подобро. Само описменети можеме да ги дофатиме сите висини во Светот, недостижното станува достапно, а далечното, блиско. Токму затоа настани од ваков тип се едни од најважните за сите нас и треба почесто да се организираат затоа што, „сѐ што ќе научите станува ваше богатство, богатство што не може да ви биде одземено, без разлика дали ќе учите во зградата наречена училиште или ќе учите од животниот учител. Учењето нови работи е безвременско задоволство и бесценето богатство, истакна Божиновски.
Верувам, додаде, дека посетата во воспитни и образовни центри во градов која е предвидена во вашите работни активности ќе ви помогне во истражувачката дејност.
Покрај работниот дел учесниците ќе имаат можност да ги запонаат и природните убавини, како и културно-историските обележја на градот.
Во рамки на конференцијата учесниците ќе имаат тимско учење преку истражување и примена на различни вештини на повеќе локации низ Охрид меѓу кои и во манастирскиот комплекс Св. Наум и во наколната населба „Залив на коските“ кај Градиште.
Организатор на настанот е АНН ЛР и истиот завршува во недела со доделување сертификати за учесниците.
OhridNews