Утре (сабота) во водите на Охридското езеро по трет пат ќе се одржи Олимпискиот пливачки маратон на 10 километри во организација на Клубот за спортови на вода Охридски бранови 2008 и Националната пливачка федерација на Македонија а со голема поддршка од Агенцијата за млади и спорт, компанијата Костал, Макпетрол АД, Општина Охрид и Агенцијата за цивилно воздухоплоство во нашата земја.

Вкупно 18 пливачи од пет земји за сега се пријавени за учество на Олимпискиот пливачки маратон а до крајот на денот очекуваме учеството да го потврдат уште неколку пливачи кои се најавени. Како и во претходните две години очекуваме добра и квалитетна трка. Патеката е кружна, што им овозможува на гледачите цело време да гледаат и уживаат во вештините на учесниците. – изјави претставникот од клубот Охридски бранови 2008, Кочо Паскали.

Претседателот на Националната пливачка федерација, Александар Филипчев говореше за Олимпискиот пливачки маратон и Купот во далечинско пливање.

Со охридскиот клуб имаме одлична соработка и сигурен сум во успешна организација на Олимпискиот маратон и Купот во далечинско пливање. На Олимпискиот пливачки маратон ќе учествуваат докажани пливачи, додека нашата цел со организирањето на Купот е поголема промација и омасовување на пливањето како спорт во нашата земја. Ова е втора рунда во Купот. Првата се одржа на 2 август во рамките од Илинденскиот пливачки маратон. Завршната трета рунда ќе биде во Велес следниот месец. – рече Филипчев.

За регуларноста на трката ќе се грижат 10 судии кои се истакните професори по Физичко образовение и култура а за безбедноста и здравјето на пливачите ќе биде задолжен Црвен Крст од Охрид.

Почетокот на Олимпискиот пливачкиот маратон е закажан за 12 часот. Минатогодишни победници на маратонот на 10 километри беа унгарскиот пливач Петар Галич и Србинката Јована Јецански.

OhridNews