Охрид годинава е  домаќин на традиционалната манифестација „Денот на езерото“ на трите крајезерски градови: Охрид, Струга и Поградец, што се одржува на 21- ти јуни.

Како што информираат од локалната самоуправа, свечената програма  започнува вечерва, со Воениот оркестар на АРМ кој во19 часот “Кај Чинарот” ќе настапи со промотивен концерт.

Главната свеченост ќе се одржи утре, на градскиот плоштад, со почеток во 11 часот, кога  манифестацијата „Денот на езерото“ ќе биде отворена од страна на градоначалниците на Охрид, Струга и Поградец.

Присутните гости и граѓани ќе имаат можност да ги проследат староградските песни во изведба на КУД при Здружението на пензионери за Охрид и Дебарца , играорната група од општината Поградец, да уживаат во звуците на групата „Чардак“ и да ги разгледаат штандовите на кои туристичките работници ќе ги презентираат своите понуди.
 
Под мотото “Заобиколи го езерото – почитувај го езерото“, велосипедскито клуб “Екодром“ од Охрид традиционално, и оваа година, го организира рекреативниот велосипедски маратон околу Охридското езеро.

OhridNews