Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, денеска и утре во Охрид ќе биде домаќин на третата регионална средба на претседателите на Македонија, Ѓорге Иванов, на Албанија, Бамир Топи, на Косово, Атифе Јахјага и на Црна Гора, Филип Вујановиќ.

Како што информираат од кабинетот на Иванов, четворицата претседатели ќе разговараат на повеќе теми, доминантно поврзани со интеграциите во НАТО и во Европската Унија, како и за јакнење на демократските и реформските процеси, зголемена економска соработка и поттикнување на регионални инвестиции, инфраструктурно и енергетско поврзување и за прекуграничната соработка во борбата против криминалот.

Работниот дел од средбата започнува утре, по што претседателот Иванов ќе приреди прием за учесниците, кои според најавите ќе присуствуваат на отворањето на 51-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Првата средба во овој формат беше одржана во Валона, Албанија, додека минатата година втората средба се одржа во Призрен, Косово.