Во Охрид денеска ќе започне Регионалната школа за безбедност „Прекугранична соработка во соочувањето со заедничките безбедносни предизвици од мигрантите“, во организација на Факултетот за безбедност Скопје, Фондацијата „Конрад Аденауер”, Вилфред Мартенс центарот за европски студии и Центарот за истражување и креирање политики на која учество ќе земат професори и студенти од Република Македонија, Република Грција и Република Бугарија.

Регионалната школа за безбедност ќе понуди предлози за размена, соработка и зајакнување на довербата меѓу професорите, студентите и практичарите од земјите од регионот опфатени со миграциската криза: Македонија, Грција и Бугарија, воедно ќе се испитаат тесните грла за соработка, координација и спроведување на безбедносна политика и стратешките насоки за миграцијата, како и безбедносната политика на Европската унија и политиката за мигранти. 

Кризата со мигрантите откри недостаток на координација и комуникација меѓу соседните земји, бавни понекогаш и неефикасни политики, како и одговор од страна на Европската унија. Ова доведе до потреба од Регионалната школа за безбедност преку која ќе се подобри соработката, чекор до консултации меѓу земјите по должината на трасата и изградба на прагматична политика и оперативни мерки во Европа и Западен Балкан како понатаму да се справи со бегалците/мигрантската криза.До средината на 2017 година, повеќе од еден милион луѓе пропатуваа по должината на Западен Балкан од Грција до Централна Европа како резултат на најголемите миграциски текови во овој век.  – укажуваат од Факултетот за безбедност.

Тематски области на Регионалната школа за безбедност се: Верскиот радикализам како безбедносен предизвик за Европа и регионот; Управување со движења на бегалци и ефикасна гранична контрола и значењето на соработката и размената помеѓу властите на соседните земји; Политичката стабилност на секоја земја во регионот како предуслов за поефикасно управување со кризи и повеќе успешно справување со заедничките безбедносни предизвици и Предизвици за дипломатија и одржувањето на добрососедските односи за поефикасни за прекугранична соработка и справување со заедничките безбедносни предизвици;

Во рамки на Регионалната школа за безбедност ќе бидат организирани работилници и панел дискусии со кои ќе се овозможи идентификација на проблемите во соработката, координација и спроведување на националната политика за миграција и безбедност, како и миграционата политика и безбедност на Европската унија. 

OhridNews