Од 12 до 14 јуни 2026 година, Охрид ќе биде домаќин на БТА Триатлон Балканското првенство, еден од најзначајните спортски настани во регионот, кој ќе донесе повеќе од 350 натпреварувачи од 15 земји од Балканот и Европа. Триатлонот е атрактивен олимписки спорт кој обединува три дисциплини: пливање, велосипедизам и трчање, кои натпреварувачите ги изведуваат последователно, без прекин.
Центарот на случувањата ќе биде на Бафало Бич, каде ќе биде поставена транзицијата, просторот во кој триатлонците преминуваат од една дисциплина во друга, а таму ќе се одвива и пливачкиот дел од натпреварот.
Велосипедскиот дел од натпреварот ќе се одвива на долниот дел од патниот правец, од бул. „Св. Наум Охридски“ до Хотел „Инекс Олгица“. За безбедно и непречено одвивање на натпреварот, но и на сообраќајот, во петок, 12 јуни, од 12:00 до 12:30 часот, во сабота, 13 јуни, од 08:15 до 17:15 часот и во недела, 14 јуни, од 08:15 до 13:15 часот, ќе има привремено пренасочување на возилата во горната коловозна лента.
Трчањето ќе се одвива по црвената велосипедскa патека од левата страна, започнувајќи од Бафало Бич, долж крајбрежјето, до спортско-рекреативниот терен.
Во текот на двата натпреварувачки дена ќе настапат најдобрите елитни триатлонци од Бакланот и Европа, но и голем број на рекреативни натпреварувачи, штафетни тимови и млади триатлонци во различни возрасни категории. Организацијата на ова првенство претставува уште една потврда за успешна организиција на меѓународни спортски настани од висок ранг во нашата земја.
Настанот е во организација на Македонската триатлон федерацијата, со локална поддршка од Охрид Трчат, а се одржува под покровителство на Министерството за спорт и Македонскиот олимписки комитет.
Покрај спортското значење, првенството ќе придонесе и за промоција на прекрасниот Охрид како спортско-туристичка дестинација, со голем број гости, тренери, официјални лица и посетители кои ќе престојуваат во градот.
Триатлон федерацијата ги поканува сите љубители на спортот да ги проследат возбудливите натпревари на терен и да ги поддржат триатлонците кои ќе се борат за титулите балкански шампиони.
Охрид повторно ќе живее во знакот на спортот, енергијата и фер-плејот.
OhridNews I Promo


















