Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид вчера попладне започна меѓународниот фолклорен фестивал „Велигденски фестивалски денови во Охрид“. На фестивалот учествуваат шест фолклорни ансамбли од Македонија, Србија, Грција и Бугарија со 200 учесници.

На отворањето на настанот се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски кој истакна дека најдобрите амбасадори на културата од шест фолклорни ансамбли од Македонија, Србија, Грција и Бугарија некоку денови ќе го оживеат Охрид, а со тоа ќе го најават богатото културно лето што е пред нас.

Преку универзалниот јазик на орото и песната овој фестивал рефлектира мир помеѓу народите, ги искоренува баналните предрасуди и прави да сфатиме дека уметноста нема граници, не познава национални политики и недоразбирања. Јазикот на музиката и танцот е разбирлив на сите континенти. Целта на ваквите случувања е да се зачува и збогати нашето фолкорно наследство, како и летната културна понуда на Охрид, рече Божиновски.

Низ разновидни песни, игри и обичаи, потенцираше Божиновски, се гради мост на пријателства помеѓу земјите и народите, а истовремено се оживува минатото, поврзувајќи не со сегашноста.

На организаторот на овој голем културен настан, Здружението „Мултикултурна интернационална организација за фолклорни фестивали“ –МИОФФ, му се заблагодарувам што ни ја донесе оваа убавина во градов. На учесниците им посакувам успешно фестивалско претставување. Секако посакувам да успеете да ги доловите убавините на древниот Охрид, колевката на словенската писменост и култура. Да посетите барем една од 365-те цркви колку што ги има во градов. Одете на Самуиловите тврдини и вратете го времето на царска Македонија или посетете го античкиот театар, куќата на Робевци и Уранија или галеријата на икони. Прошетајте на охридската ривиера или напијте се кафе крај езерските води. И секако живи и здрави повторно дојдете ни кај нас, додаде Божиновски.

Организатор на настанот е Здружението „Мултикултурна интернационална организација за фолклорни фестивали“ МИОФФ, а фестивалот се организира седма година по ред една недела по големиот христијански празник Велигден.

OhridNews