Иако во поголемите македонски општини во текот на изминатата седмица е евидентирано зголемување на бројот на заболени од грип, во Охрид засега не е регистрирана голема бројка на пациенти кои имаат симтоми на ова сезонско заболување.
Според податоците од охридскиот Центар за јавно здравје, на неделно ниво во Охридскиот регион се пријавуваат од 5 до10 лица со клиничка слика на грип.
-Регистрираната бројка кај нас не е голема, споредено со бројката на заболени во другите градови. Помалиот број на заболени во Охрид се должи на поволните временски прилики, малата загаденост на воздухот и секако високиот процент на имунизација против грип. Во текот на оваа сезона ние поделивме околу 3.000 вакцини против грип што значи дека голем дел од населението коe спаѓа во ризичната категорија ја има основната заштита, информираше д-р Јованка Стурлакова Корвешовска, од Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.
Таа објаснува дека според искуствата од претходните години, благо зголемување на бројката на заболени од грип, се очекува по празничниот период односно со почетокот на второто полугодие во училиштата.
-Највисокиот процент на заболени од грип се очекува во текот на месец февруари. Овој месец беше најкритичен и во текот на изминатата сезона, кога беа регистрирани и најголем број на заболени, вели д-р Стурлакова Корвешовска.
За да се спречи ширењето на сезонскиот грип, лекарите по општа медицина најчесто советуваат да се конзумира храна богата со витамини, да се избегнува долг престој во затворени простории и да се внесува доволна количина на течности во организмот.
-Исто така вежно е и навременото лекување. Граѓаните штом почуствуваат симптоми на грип и имаат висока температура треба веднаш да побараат медицинска помош кај својот матичен лекар. Најефикасно е грипот да се третира со соодветна терапија особено кај помалите деца и повозрасната категорија на пациенти, велат лекарите.
Инаку според Институтот за јавно здравје, на ниво на Република Македонија во текот на ова сезона биле пријавени 737 случаи на грип. Најголем број се регистрирани на регионот на Тетово (260), Куманово (155) и Прилеп (129), додека во останатите региони не се регистрираат високи бројки на заболени.
Е.М.














