Охрид е меѓу градовите во кои ќе се поставуваат типски продавници со македонски вина.

Дел од средствата ќе ги обезбеди Владата, а во првата фаза се планирани меѓу 15 и 20 продавници, а првата се очекува да биде отворена наредната година.


– Владата одлучи да спроведе нов проект кој ќе даде дополнителна поддршка на туризмот, но и ќе биде од директна корист за македонските компании. Идејата е добиена од стопанството, прифатена од Владата и почнува со реализација, информира портпарол на владата на РМ, Александар Ѓорѓиев.

Освен во Охрид, вакви продавници ќе бидат сместени во централните градски подрачја на Струга, Дојран, Крушево, Скопје, Битола, Маврово, Попова Шапка, Кожуф, Гевгелија, а се размислува и за други локации.

Владата ќе кофинансира дел од месечната закупнина на просторот, дел од внатрешно опремување на просторот за продажба и дел од платата на определен број вработени лица кои ќе работат во продавниците.

На 1 август ќе биде објавен јавен повик за избор на идејно решение за изгледот на внатрешноста на овие брендирани продавници, при што ќе се води сметка тие да имаат препознатлив етно стил и функционалност на просторот за презентација и продажба на флаширано вино. По изборот на идејното решение ќе биде распишана постапка на која сите заинтересирани компании ќе може да се пријават да стопанисуваат со овие продавници.

OhridNews