Во тек се подготовките за 29-то издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест “, што ќе се одржи на 2 и 3 септември на сцената на Долни Сарај во Охрид.

Како што најавија организаторите, во Фолк вечер ќе настапи домашната фолк елита, но и српскиот пејач Мирослав Илиќ.

Од Србија доаѓаат Кики Лесендриќ и Срѓан Марјановиќ, од Хрватска Владо Калембер, Златко Пејаковиќ, Теди Грубица и Јурица Паѓен. Од Босна ќе гостува Ален Исламовиќ, словенските музичари се Божидар Волф, Инес Ербус& Давид Амаро, а од Бугарија дуото „Expose“. Од Албанија ќе настапи Рина Рамадани и гостинот од Грција е Толис Дамјанос.

Бастионот на убавата македонска песна „Охрид фест“, годинава ќе понуди одлична фолк и интернационална вечер, каде на 2 и 3 септември ќе настапат докажани музички имиња и бидејќи ги охрабруваме новите музички сили, даваме можност дебитантите да ја започнат музичката кариера токму од Охрид, изјави првиот човек на „Охрид фест“, Григор Копров.

Традиционално, водителите на фестивалот се Каролина Петковска – во Фолк вечерта и Маријана Станојковска и Васил Зафирчев во Интернационалната вечер, кога ќе настапат многу интересни имиња.

Наградите за промоцијата на музиката на Балканот се доделуваат на Мирослав Илиќ, кој ќе има свој мини концерт во фолк вечер и нашиот Гарабет Тавитјан, кој ќе настапи во Интернационалната вечер.

Како што е најавено, фестивалот директно ќе го пренесува националниот сервис МРТВ, а преносот ќе го емитуваат над десет телевизии од Балканот.

OhridNews