На македонскиот штанд на кој преовладуваат детали од Охрид, македонската понуда е претставена како „патување низ времето“, информираат од Агенција за промоција и поддршка на туризмот, од каде очекуваат оваа година туристите најмногу интерес да пројават за културниот и езерскиот туризам.
Оттаму се убедени дека претстојната туристичка сезона ќе биде далеку поуспешна од изминатите, со зголемен број ноќевања и за десет проценти. Ваквиот оптимизам во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го темелат на најавеното организирано доаѓање на гости од Холандија и од Финска, но исто така се очекува бројот странски гости на охридско-струшката ривиера да се зголеми и поради најавените редовни авионски линии од Загреб и Љубљана.
Во рамки на саемот во Берлин, утре на македонскиот штанд ќе се одржи презентација на убавините и знаменитостите на Македонија, а презентацијата ќе биде збогатена со дегустација на македонски специјалитети, вино и народна музика.