112 слависти и македонисти од 24 држави учествуваат на Меѓународен семинар за македонски јазик кој по 44 пат се одржува во Охрид .


Учесниците на научниот собир кој вчера свечено веше отворен во Конгресниот центар на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, ги поздрави министерката за култура Елизабета Канческа Милеска која го истакна големото значење на семинарот за  афирмација на македонскиот јазик, историја и култура во светот.

-Со сигурност можеме да кажеме дека во текот на овие 44 години постоење, Семинарот за македонски јазик, литература и култура прерасна во своевиден глобален центар на македонистиката, рече министерката Канческа Милеска.


Во рамки на семинарот на 14 и 15 јули ќе се одржи и 38-мата меѓународна научна конференција која годинава ќе биде во знак на 90-годишнината од раѓањето на Блаже Конески и 150-годишнината од издавањето на зборникот на браќата Миладиновци, а ќе биде презентирано творештвото  на познатите македонски писатели Коле Чашуле, Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски.  И годинава ќе се одржи  традиционалната летна школа  со збогатена програма.

-Покрај напорите во рамки на семинарот да ги опфатиме сите области што се интересни за странците, посебно внимание оваа година посветивме и на македонскиот филм, македонскиот театар и на археологијата во Македонија, истакна Максим Каранфиловски, директор на Семинарот.


Низ Семинарот  за Македонски јазик во Охрид досега минале повеќе од 3.000 учеснициод од 45 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик во нашите лекторати по светот. Како што најави ректорот на Универзитетот Св. Кирил и Методиј,  Велимир Стојкоски, во блиска иднина се очекува да започне со работа лекторатот во Киев, Украина, кој веќе има добиено акредитација, а се преговара и за отворање на лекторат и во Јужна Кореа.
 
44 Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура, завршува на 12 јули.

OhridNews