Со читање стихови од роднокрајните автори- Коста Фортомар, Есад Бајрам, Славе Ѓорго Димоски и Димитар Пандев и изложбата на фотографии од колекцијата на Центарот за култура, денес, започнаа дводневните свечености во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ со која годинава се одбележуваат 123 години од смртта на Григор Прличев.
Свечената академија што се одржа на пладне, годинава беше посветена на наградената поема за 2015 година, „ Завет. Јад“ од авторот Глигор Стојковски.
– Самото поврзување на наградата со името на Григор Прличев, несомнено најголемиот македонски поет воопшто , е исклучително обврзувачки. Поемата се занимава со големото име од македонската историја, Кирил Пејчиновиќ кој во 1830 го обновува Лешочкиот манастир со многу ентузијазам, се прикажува мојата проектирана реакција кога тој манастир се урива во 2001 година, тогашните состојби кои владеат во регионот и неговото претпоставено однесување кон неговиот истоименик, владиката Кирил во чија надлежност во тоа време е манастирот во Лешок, појаснува авторот на наградената поема, Глигор Стојковски.
За значењето на делото на еден од најистакнатите македонски писатели од времето на романтизмот, значаен претставник на македонската книжевност од ЏИЏ век, Григор Прличев, зборуваше директорот на Центарот за култура, Горан Стојаноски.
– Григор Прличев, поет во чија чест денес ја доделуваме повелбата за најдобра поема, има преширок дух за да остане сам и изолиран во своите поетски погледи. Неговата склоност кон универзалноста и творењето на поголемите јазици на Балканот од денешна перспектива може да се толкува како чувства, потреба за пронаоѓање и припадност кон една поширока поетска заедница во која неговата судбина има свои сопатници и сопаталци низ целиот балкански простор кои исто како него поривот наречен совршенство или смрт ги води кон напредокот, рече Стојаноски.
Пред присутните во името на локалната самоуправа се обрати и заменик градоначалникот, Ангел Јанев.
– За нас Григор Прличев бил и ќе остане не само врвна книжевна преродбеничка фигура, туку и човек кој кај охриѓани ја будел надежта и уверувањето за важноста на образованието, богатството на духовната историја, националното будење и културното самоидентификување, нагласи Јанев.
Денес се одржува и традиционалната Охридска визита, а во 19 часот учениците од ОУ „Григор Прличев“ ќе одржат свечена приредба во Центарот за култура.
Свеченостите продолжуваат утре со полагање на свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев, а годинешните случувања посветени на ловроносецот, ќе завршат во 12:30 часот во спомен куќата на Прличев, каде што проф. Д-р Георги Сталев Поповски ќе се одржи „Слово за Прличев“.
Т.К.