Со низа настани во рамки на манифестацијата „Прличеви Беседи“, Општина Охрид го чествува ликот и делото на Григор Прличев и одбележува 130 години од неговата смрт.

Градоначалникот Кирил Пецаков присуствуваше на панихидата која се одржа на вечното почивалиште на Григор Прличев во дворот на црквата „Света Богородица Перивлепта“ и имаше свое обраќање на настанот „Стихови и звуци за Прличев“ кој се одржа во спомен куќата на ловороносецот.

На мое големо задоволство и оваа година остануваме верни на традицијата и преку богата програма, оддаваме почит на неговите вредни дела и врвни творечни достигнувања, рече во обраќањето Пецаков.

Иако се навршуваат 130 години од неговото упокојување, ликот и делото на Прличев останува нераскинлива врска помеѓу сегашноста и минатото и претставува светол пример, кој ни дава сила во нашите напори да обезбедиме подобро утре и поубава иднина за новите генерации. Преку поемата „Сердарот“, Прличев го покажа патот на херојската борба што треба да ја води малиот и поробен народ за својата слобода против далеку побројниот и посилен тиранин. Во оваа творба тој успева да го внесе целиот свој емотивен восклик и закитен со ловоровиот венец да се искачи на врвот на поетската слава. Oпсежната книжевна критика го опишува Прличев како најгенијалниот поетски талент и најсветлата ѕвезда на македонското литературно небо, кој со право го заслужува епитетот „Втор Хомер“.

Упати честитка до младите генерации кои творат и добиваат награди за своите написи посветени на ловороносецот, искажувајќи надеж и посакувајќи помеѓу овие ученици да се истакне некој нов уникатен уметнички талент, кој ќе го негува Прличевото дело и ќе ја надополни богатата литературна ризница на Охрид.

Потенцираше дека Локалната самоуправа дава исклучителен придонес во зачувување на културните вредности на нашиот град.

Во таа насока со поддршка на Општина Охрид, преку Одделението за култура обезбедени се две изданија на Автобиографијата на Прличев, отпечатена во Брајово писмо, кои денеска ќе им ги предадеме на Библиотеката „Григор Прличев“ и на Здружението на слепи лица од Охрид. Поаѓајќи од оваа констатација, искрено се радувам што ова вредно издание од денес ќе биде достапно и за нашите сограѓани со оштетен вид, кои го ценат и вреднуваат прличевото дело, истакна Пецаков во своето обраќање.

Градоначалникот Пецаков ја предводеше делегацијата на Општина Охрид која положи ловоров венец на спомен бистата на Григор Прличев пред градската библиотека. Свежо цвеќе во чест на големиот поет беше положено и на неговито споменик во истоименото училиште.

Во рамки на манифестацијата, вчеравечер во Центарот за култура беше врачена наградата „Григор Прличев“ за најдобра поема. Наградата беше доделена на поетот Зоран Анчески за неговата поема „Коњски житија“.

Како дел од чествувањата во Библиотеката „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“ на која беше прогласена најдобрата беседа за 2023 година на тема: „Прличев и ние“, а се одржа и промоција на аудио-записот, есејот: „Душевните очи на Григор Прличев“ од академик Анте Поповски.

Чествувањата ќе бидат заокружени вечерва со Свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ “Григор Прличев“ која ќе се одржи во спортската сала на училиштето.

OhridNews