Неодамна отпочна со работа првиот Туристички информативен центар во Охрид, кој ќе функционира во рамки на брендот „Вис  – Пој“. Туристичкиот инфо центар е лоциран на ул. „Македонски просветители“ и ќе нуди информации на посетителите за сместување во хотели и приватни капацитети, рентакар, рентабајк, рентабоут и други услуги за што е отпечатен соодветен пропаганден материјал. Исто така тука ќе се продаваат и билети за сите културни и забавни настани што ќе се одржуваат во Охрид, а ќе има и сувенири.


– Сметаме дека сега е вистински момент да се отвори Туристички инфо центар во Охрид. Долго време слушаме најави дека тоа ќе го направи  државата, или локалната самоуправа, тоа се е добро, но ние одлучивме во склоп на „Вис Пој“ да работи првиот Туристички информативен центар во Охрид кој на посетителите ќе им ги понуди сите неопходни информации и услуги за пријатен престој во градот, изјави Олег Маленко од Т.А. „Вис – Пој“. Според него постои потреба од ваков инфо центар затоа што сите гости во Охрид не доаѓаат органзирано и им требаат корисни инсформации кои ќе им бидат понудени.


Туристичкиот инфо центар ќе работи во текот на цела година, од 9 до 21 часот, а своите услуги ќе ги нуди и онлајн за што се подготвува специјална веб страна. Маленко посочува дека Туристичкиот инфо центар на „Вис – Пој“ ќе соработува само со легални субјекти и категоризирани станоиздавачи.

-Имаме потпишано стотина договори со станоиздавачи за еден месец, а ги повикувам и другите регистрирани станоиздавачи да дојдат и тие да потпишат договор за да може да ги нудиме нивните услуги на туристите, истакна Маленко.


Олег Маленко – Т.А. „Вис Пој“

Според Маленко отворањето на Туристичкиот инфо центар, ќе придонесе и за сузбивање на нелојалната конкуренција што ја создаваат таканаречените диви чекачи на туристи.

Се случува дивите чекачи да ни ги земат туристите буквално од пред врата, а бидејќи институциите очигледно не можат да се справат со овој сериозен проблем ние ангажиравме сопствено обезбедување кое ќе ги штити гостите додека ги чекаат вистинските станоиздавачи да дојдат во Туристичкиот инфо центар за да ги сместат, вели Маленко.

Тој посочува дека штетите кои ги трпат туристичките агенции од нелојалната конкуренција се големи, затоа што тие имаат фирми и вработени, плаќаат лиценци, осигурувања за штети и други давачки, но и покрај тоа се незаштитени.

-Дивите чекачи можат да работат надвор од законот, да сместуваат луѓе, да наплаќаат во кеш и да земаат провизија, а не се регистрирани за вршење на дејноста, што е неправедно кон туристичките агенции и затоа треба надлежните институции на централно и локално ниво да спроведат една координирана акција за да се стави крај на оваа негативна појава, додава Маленко.