Охрид ќе го добие својот прв препознатлив коктел „Еден бисер“ кој во иднина ќе го претставува градот. Иницијативата за креирање на авторски коктел е на Туристичкиот кластер на Југозападна Македонија „ЕДЕН“, кој функционира веќе четири години и во кој членуваат околу 40 приватни фирми чии дејности се поврзани со туризмот.
– Минатата година реализиравме проект за лиценцирање на 50 бармени и баристи кои добија лиценци и сертификати за лиценцирани бармени. Тогаш ја добивме идејата да креираме и авторски коктел. Бидејќи мисијата на кластерот е 365 дена во потрага по непознатото, преку уникатна и достапна интегрирана понуда, дојдовме до заклучок дека треба да презентираме коктел кој ќе биде со прифатлив вкус и ќе се служи во мартини чаша, а ќе има боја која ќе асоцира на бојата на езерската вода, објаснува Ерхан Сулејманоски, координатор на проектот за креирање на авторски коктел.
Лажичката за мешање на состојките во коктелот е со оригинален дизајн и е изработена од страна на познатиот изработувач на Охридски бисер, Михајло Филев.
– Бев инспириран да направам посебна мешалка, изработена од росфрајт на која има два охридски бисери. Целта беше да се изработи професионален производ, нов симбол на Охрид кој ќе ја презентира и угостителската и културната вредност на овој прекрасен бисер на Македонија, градот Охрид, нагласува Филев.
Секој кој ќе го порача коктелот ќе добие и сертификат за оригиналноста на охридскиот бисер и автентичноста на коктелот, кои потоа ќе може да ги задржи како сувенири.
Од кластерот информираат и за уште два нови проекти- интернет страната на кластерот и нов видео запис.
– Новиот видео запис ќе содржи сегменти од градот, делови од активен туризам и сместувачки капацитети, храната која се служи во градот. Се надевам сите ќе се гордеат со овој, поинаков пристап на претставување на нашиот регион, вели Александар Сотироски, менаџер на хотел „Ројал“.
Новиот видео запис и коктелот „Еден бисер“ ќе бидат промовирани во недела, 6 – ти декември во лаунџ барот „Објектив“ со почеток во 20 часот. Цената на коктелот ќе биде 240 денари и ќе биде иста во сите угостителски објекти – членови на кластерот, во кои ќе се служи коктелот.
Т. К.