Во организација на општина Охрид и Општинската организација на Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 година и граѓаните  продолжувачи од општините Охрид и Дебрца, денеска свечено беше одбележан 11.Октомври- Денот на народното востание и Денот на борецот.

На свеченоста што се одржа во големата сала на општина Охрид, пред присутните се обратија  градоначалникот Никола Бакрачески и председателот на Општинската организација на Сојузот на борците Гоце Георгиески.

– 11 Октомври, не преставува само придружување на македонскиот народ на светската антифашистичка коалиција, туку истовремено неговата големина е во спојување на временскиот континуитет на вековниот сремеж на Македонецот за опстојување на својата територија и приклучување на својот народ и својата држава кон големото Светско семејство на народите.Во таа смисла, славни и неизбришливи се трагите на револуционерниот и бунтовен 11 Октомври 1941год., нашиот патоказ низ бурните времиња се до создавањето на сопствена држава- рече градоначалникот Бакрачески.

Претседателот на Општинската организација на  Сојузот на борците од НОАВМ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески  рече дека 11.Октомври 1941 година е денот кога започна  единственото непоразено востание и претставува врвен израз и логичен продолжеток на револуционерните и слободарски традиции на македонскиот народ во изминатите векови.

– Македонскиот народ во тие судбоносни моменти се определи за борба против ропството,против фашизмот-заедно со светската антифашистичка коалиција, борба за остварување на вековниот сон за национална слобода и своја држава. Прославувајќи го овој ден и сеќавајќи се на жртвите , ние со почит и благодарност се поклонуваме пред ваквата борба и пред олтарот на сите паднати борци за слобода и самостојна Македонија. Со оваа борба нашиот народ на најдобар начин го докажа својот државотворен капаците и право на изградба на самостојна, суверена и слободна држава- рече Георгиески.

Во културно- уметничкиот дел на свеченоста настапи хорот на ОСУ „ Св. Климент Охридски“ и претставници од Основното училиште „ Методи Патчев“.

На свечената седница и претходеше полагање свежо цвеќе на спомен обележјето на НОБ во градскиот парк.

OhridNews