Со богата програма која почна вчера, во Охрид се одбележува Денот на Охридското Езеро – 21 Јуни.

Во рамки на фестивалот „Balkan Music Square“ кој по мала пауза повторно се враќа на сцената во Охрид,  вчера, на плоштадот Долна порта, беше организирана изложба на фотографии од Охридското Езеро, а музички перформанс имаше сестраниот уметник Даниел Јовески.

Фестивалот „Balkan Music Square“ кој оваа година се одржува во склоп на прославата на Денот на Езерото, на плоштадот Долна порта денеска ќе настапат Дамјан Пејчиноски, Николче Милески, Љубојна и гостинката од Албанија Алба Далјани. Настанот почнува во 13 часот.

Утрово кај споменикот Фаќач на крст предвидена е презентација на нуркачка опрема, а попладне на плажите Канео и Лабино ќе се одржи еко акција „Супер чистка“. На плажата К’ј Дивоно ќе се одржи дефиле на едрилици, а во градската библиотека ќе има поетско читање на поети од Охрид, Струга и Поградец.

По повод Денот на Езерото ќе се одржи и панел дискусија за климатските промени и едукативна прошетка со брод на водните живеалишта.

Предвидена е прошетка низ Охрид и Струга, како и посета на спомен собата во некогашната охридска касарна.

Г.М.