Фудбалерите на Охрид остануваат без бодови на табелата во новата сезона откако претрпе пораз и во вториот меч на домашен терен. За гол подобри од охриѓани беа фудбалерите на Гостивар кои славеа со 1-0 (1-0).

За разлика од средбата со кичевски Велазерими на почетокот од сезоната, „рибарите„ денеска одиграа квалитетен натпревар и само поради немањето на среќа во завршницата од акциите изгубија и теренот во Охрид го напуштија со наведнати глави.

Мечот на СРЦ „Билјанини Извори“, започна мирно и без поголеми прилики за погодок на двете страни.

Гостинските фудбалери на средината од првиот дел ја презедоа иницијативата од теренот и од првата посериозна приликата ја погодија целта. Фудбалерот за врска Алили Иљбер од 20-тина метри биеше во спротивниот агол од голот на Даниел Котевски и ја затресе мрежата.

Охриѓани во продолжението од натпреварот притиснаа створија неколку прилики. Најизгледната прилика ја имаше Вецко Вренцоски кој ја погоди стативата.

На стартот од второто полувреме, „рибарите“, тргнаа решително да ја надополнат негативата. Првата шанса ја имаше Александар Целески во 52-та минута, но гостинскиот голман Бојан Тимевски добро го „затвори“ ударот и резултатот остана не променет. Десеттина минути, Тимевски, уште еднаш добро интервенираше одбранувајќи го удрарот на Игор Клечкароски.

Влегувањето во игра на Никола Секулоски внесе свежа крв во Охрид. Токму нововлезениот фудбалер направи се како што треба, но неговиот удар заврши во стативата и покрај голот. Нападите на домаќините продолжија. После еден фаул како скратен корнер Ромео Кочоски биеше, но овој пат гредата беше сојузник на гостите.

Во завршните минути, Гостивар, преку стрелецот на голот имаше шанса да стави печат на победата, но не реализираше. На спротивната страна Охрид не се закани за изедначувачки погодок и резултатот остана во корист на гостите.

Првите бодови и првата победа, Охрид ќе ги брка на гостински терен во Дебар кај Кораб, додека Гостивар на СРЦ „Билјанини Извори“ ги врати загубените бодови пред своите гледачи во првата рунда.

 

Мх.П.