Во ДВД- то, кое е од некомерцијален карактер и двојазично- на македонски и англиски јазик, опфатен е животот и творештвото на петте охридски уметници- Јонче Симонче, Вангел Наумоски, Живко Пејоски, Јордан Манасиески и Славко Упевче.
– Во текот на 25- те години од моето работење како новинар, најмногу бев застапен во областа на културата, за која многу пати пишував и известував и уметниците ми се при срце. При тоа, секогаш со носталгија гледав кон тоа што за се се прават промоции, но творештвото на уметниците кои се нашите најголеми културни амбасадори во светот, некако остануваше во позадина. Многу мои снимени материјали во текот на годините ги искористив при изработката на ова ДВД кое се надевам ќе им служи и како материјал на многумина кои ќе сакаат да пишуваат за нашите уметници, вели претседателот на здружението, охридскиот новинар со долгогодишно искуство, Милчо Јованоски.
Како што истакна на денешната промоција градоначалникот Александар Петрески, локалната самоуправа поддржувала и понатаму ќе поддржува проекти од овој вид, затоа што културата и уметноста се препознатлив код на Охрид во светот.
– Горд и среќен сум што можам да учествувам на промоцијата на ова ДВД. Јас ,како градоначалник и моите соработици придаваме особено значење на активностите поврзани со презентација и развојот на културните дејности и нивна целосна афирмација. Се обидуваме и успеваме со скромни финансиски средства да помогнеме за реализацијата на сите идеи со цел тие да го видат светлото на денот и со својата автентичност и оргиналност да бидат гордост за авторите, рече Петрески.
Митре Велјаноски, раководителот на Секторот за јавни дејности, потенцира дека овој проект е само мал дел во оддолжувањето луѓето кои, со своето творење, премногу го задолжиле Охрид.
– Петте уметници претставени во проектот со своето творештво не задолжија нас и градот преку промовирањето на Охрид во најплеменитата уметничка димензија, рече Велјаноски.
Проектот во вид на ДВД издание „Охрид – град галерија ќе биде користен на бројните саеми за туризам, но и како пригоден подарок за високите делегации кои го посетуваат Охрид и Општина Охрид. ДВД- то „Охрид град галерија “ е во тираж од 500 примероци, а Општината финансиски го поддржа со 130 000 денари.











